Одговорност на сите политичари е да соработуваат и заеднички да носат одлуки во интерес на граѓаните кои сакаат да живеат во Северна Македонија како дел од ЕУ, а не во други европски држави, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција во Виена со австрискиот канцелар Карл Нехамер, одговарајќи на новинарско прашање за противењето на опозицијата за уставните измени. Тој кажа дека себе си се гледа како рационален оптимист, нагласувајќи дека верува во остварувањето на целта.
-Да, ова е важно прашање и ова е една од одлуките којашто ќе треба да ја преземеме до конечниот влез во ЕУ, ова е прво 2/3 гласање се до наредните што ќе дојдат, затоа што ова одлука ќе го продолжи патот кон интеграцијата во ЕУ и јас го гледам како одлука за европската иднина на земјата. Ова не е процес на едно лице и не е процес на една политичка партија, ниту пак на една влада, ова е процес на целата земја којашто треба да обезбеди и да гарантира европска иднина на граѓаните на овие и на следните генерации на Северна Македонија. И токму затоа јас секогаш повторувам дека одговорност на сите политички фактори е да соработуваат и заеднички да ги донесат неопходните одлуки, ваквите одлуки коишто се од стратешка важност за земјата не смее да бидат предмет на дневно политички дебати, кажа Ковачевски.
Тој посочи примери на држави кои скоро се зачлениле во ЕУ, укажувајќи дека одлуките се носеле стратешки и не биле дел од дневни дебати. Во изјавата Ковачевски се осврна и на потпишувањето и спроведувањето на договорот со ФРОНТЕКС, потпишан на македонски јазик.
-Ако ги земеме примерите на земјите коишто скоро се приклучија кон ЕУ како што се Хрватска, Словенија или другите во регионот на источна Европа ќе видиме дека сите политички фактори ги донесувале ваквите одлуки како стратешки и не биле дел од секојдневните дебати. Секогаш сум бил рационален и оптимист што значи дека верувам во остварување на целта и работам на остварување на целта. Лани добивав прашање слично на овие дали ќе можеме да постигнеме договор со Бугарија и го дадов истиот одговор, верувам во остварување на целта и работам кон тоа остварување, и денеска го давам истиот одговор, лани успеавме и започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет, како идентитет и култура на ЕУ и најголемиот доказ дојде со потпишувањето и спроведувањето на договорот на Фронтекс со ЕУ и сите земји членки на ЕУ на македонски јазик којшто е документ каде што прв пат македонскиот јазик се појавува со сите други официјални јазици на ЕУ, кажа Ковачевски.
Премиерот рече дека процедурално веќе е формирана работна група за уставни измени во која членуваат експерти по уставно право, претставници на академската заедница и практичари, со правници и претставници на политичките партии.
-За жал, опозицијата не се приклучи кон ова работна група како што не се приклучи ни на работните групи за преговори со ЕУ во текот на билатералниот скрининг, мислам дека ова не е рационално и не е мудра одлуката, затоа што да се биде дел од овој процес значи дека политичката партија го учи процесот и еден ден може да продолжи да биде дел од процесот, кажа Ковачевски.
Тој посочи дека македонскиот парламент, пратениците имаат мудрост, визија и капацитет да донесат стратешки важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации граѓани.
-Нашите граѓани заслужуваат и сакаат да живеат во земја којашто е членка на ЕУ, нивната земја Северна Македонија, а не да живеат во други земји од ЕУ како што сега доаѓаат да работат во Австрија, во Германија или во Франција. Нашите граѓани заслужуваат, и должност и одговорност на политичарите е да се погрижат тие да добијат земја членка на ЕУ, Северна Македонија во ЕУ, рече премиерот на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Карл Нахамер во Виена.