Ковачевски за земјиштето на сопругата: Цената е определена во 2013 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
114 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски денеска информира се што тој и неговото семејство поседуваат како имот, е наведено во анкетниот лист кој што е поднесен до ДКСК.

-Таму може точно да се види каде јас имам удел, а каде член на мое семејство има удел пред да стапам на функција. согласно тој анкетен лист од моја страна, јас имам испратено и известување до вицепремиерот за добро владеење и генералниот секретар на Владата, во кој што нотирам и ги информирам дека доколку на седница на Влада се дискутира или се одлучува за точки поврзани со правните субјекти наведениот во анкетниот лист, моето учество треба да се иземе од одлучување и присуство на Владата заради спречување на било каков конфликт на интерес, рече Ковачевски како одговор на новинарско прашање дека неговата сопруга ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за квадрат, за изградба на планирана фотоволтаична централа.

Тој додаде дека уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од Влада на ВМРО-ДПМНЕ.

-Општина Радовиш има преземено надлежности за располагање со градежно земјиште во државна сопственост на 6.12.2012 година и во моментов е раководена од градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Општината ја спроведува целата постапка. Јас бев обвинуван дека во време на најголема енергетска криза, моето семејство поседува удели во компанија која што продава струја. Со ова се потврдува дека член на моето семејство поседува удел пред да станам премиер во компанија која нема изградено централа и не продавало струја по 500 евра за мегават час, кажа Ковачевски.