Ковачевски закажа лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ бара тема да бидат предвремените избори

од Берта Китинска
164 прегледи

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска ќе испрати покана за лидерска средба со претседателите на сите партии застапени во парламентот за 7 ноември во 12 часот, соопштија од владината прес-служба.

Средбата, според најавата, е предвидено да се одржи во Собранието, а целта да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.

„Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус“, велат од Владата.

Откако премиерот Димитар Ковачевски најави дека утре ќе испрати покана за лидерска средба до сите парламентарни партии, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, вели дека на неа треба да се разговара за предвремени избори, а не за уставни измени затоа што владата не е стабилна за да навлегува во таков процес.

„Главна тема на една таква лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори, бидејќи не гледаме дека Владата е стабилна за да може да отвора сериозни теми како промена на Устав“,рече Андоновски во гостувањето во централниот Дневник на Сител ТВ.

Иницијатива за лидерска средба изминатите денови покажаа и опозициските партии од албанскиот блок кои веќе јавно излегоа со услов дека ќе поддржат уставни измени доколку меѓу нив биде и промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.