Ковачевски застана на страната на ССМ и побара да им се врати Работничкиот дом

од Nikola Popovski
728 прегледи

Јас сум член на Синдикатот уште од 1999 година и сум 100% на страната на ССМ и работниците. Да живее Синдикатот и работниците на Република Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски запрашан да ја коментира ситуацијата со зградата на ССМ.

Премиерот додаде дека Врховниот суд треба да биде прашан врз основа на што е донесена одлуката со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје.

-Никогаш не коментирам судски одлуки, но сум на страната на ССМ. Да им се врати зградата, истакна Ковачевски од Куманово.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов денеска соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ. Тој посочи дека со ова веќе се во војна со Судот.

Првиот човек на ССМ оцени дека сите синдикални протести и штрајкови во минатото, како и борбата за подобрување на работничките права и борбата за зголемување на платите на работниците, биле кнедла во грлото на многу функционери, судии и избрани и именувани лица кои, како што вели, сакаат на своевиден начин да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија и ССМ и на таков начин да го уништат.

Според пресудата на Врховниот суд, објектот на ССМ се градел со пари од државата, а не со средства на синдикатот бидејќи, како што се наведува во пресудата, ССМ не извршува стопанска дејност, па нема ниту сопствени приходи за стекнување на имот.

Слични содржини