Ние не забораваме и благодарни сме, и за ратификацијата на протоколот за нашето членство во НАТО. Шпанија ја спроведе ратификацијата во вонредни околности во тоа време, за три дена подоцна, да станеме 30-тата членка на НАТО.Премиере Санчез, вашата поддршка навистина ни значи, како досега така и во иднина!, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој изрази благодарност за првата посета на шпански премиер во Северна Македонија. Оваа историска посета е симбол на речиси 30 години одлични билатерални односи помеѓу двете земји.
-Сакам во мое име и во името на сите граѓани да изразам благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Оваа поддршка денеска и лично ми ја пренесува премиерот Санчез, што за мене, а верувам и за граѓаните на Република Северна Македонија претставува особено голема чест.Како резултат на таа поддршка и поддршката на сите останати земји пријатели на Северна Македонија, пред нешто повеќе од 10-тина дена ја одржавме првата меѓувладина конференција со која ги отпочнавме преговорите со Европската Унија, кажа Ковачевски.
Премиерто посочи дека со отпочнувањето на преговорите, нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично, македонско, наше, ќе остане автентично македонско и во Европската Унија од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна.
-Ние го живееме европското мото секојдневно, нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите. Кажав на неколку наврати и ќе повторам, ние сме подготвени за Европската Унија и со цврст чекор одиме напред кон полноправното членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели како што е Шпанија. Гледаме напред кон европската иднина и држава со европски вредности која ќе им ја оставиме на идните генерации, кажа Ковачевски.