Министерката за одбрана Славјанка Петровска најави тужба за Драган Ковачки од ВМРО – ДПМНЕ кој денес ја обвини дека во анкетниот лист не пријавила луксузна хациенда во Радишани.
Петровска посочи дека обвинувањата за непријавен имот се лага и груба манипулација.
„Имотот кој бегалецот Ковачки го посочи, никогаш не сум го поседувала. Единствено што поседував е плац кој со уредни договори за купопродажба е отуѓен односно продаден пред повеќе од десетина години. Безбедњакот, поранешниот воен разузнавач, кој беше дел од сценариото за 27 април и кој ги извиси и се огради од оние што ги поттикна на насилство има рок од 24 часа да се извини за овие невистини, во спротивно ќе му биде поднесено тужба за клевета, а парите ќе ги донирам за жртвите од владењето на Груевски“, истакна Петровска.
Го повика да се извини на семејството кое е легален сопственик на овој имот и да престане со нивните стари навики на „незаконско следење и фотографирање“.