Ковачки извади документ од психијатар за психичката состојба на Петровска

од Nikola Popovski
130 прегледи

Јавниот интерес за политичарите мора да биде над се, како и зголемената потреба од отчетност и одговорност на избраните и именуваните функционери кои на располагање го имаат државниот имот и носат одлуки кои може да имаа трајни последици за сегашните и идните генерации, на јавноста и обелоденуваме дека во владата има министер кој не може да се носи со секојдневните обврски и согласно вешт наод и мислење од специјалист психијатар од 16.02.2023 година, подолг период е на седативи и има чувство на немоќ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцирајќи кон министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Тој потенцира дека за да се биде министер или премиер на една држава треба да поседуваш одредени квалитети но и да имаш соодветни реакции во дадени ситуации кои не секогаш ќе бидат пријатни.

– Според стручни лица кои како пратеник ги консултирав неподготвеноста за соочување со вистината и стравот поради своите несоодветни постапки може да предизвика манифестации в однесувањето како резултат на психичката состојба. Конкретно на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала, изјави тој.

Ковачки потенцираше дека според извештајот, министерката чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и вели 3 месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир, често има нарушен сон и инхибиција.

-Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на Министерот која сама-доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптеретен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи, изјави Ковачки.

Тој истакна дека според законот за класифицирани информации односно уредбата член 4 точка 13, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице кое страда од ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето дури и ненамерно потенцијален безбедносен ризик што се утврдува врз основа на медицинската документација.

-Прашањето до премиерот дали мислите дека има потреба за итно разрешување на Министерот за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба за која има писмен документ од психијатар? Дали ќе ја разрешите?, прашува Ковачки.

Петровска најави низа тужби за пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

-И за оваа лага, и за неколку лаги изнесени претходно во врска со мене, но и со Армијата, ќе се видиме на суд, рече Петровска.

Таа додаде дека нема потреба опозицијата да бара од премиерот да ја разреши министерката, дека постои инструмент интерпелација, со кој може да биде разрешена доколку опозицијата смета дека има аргументи.

Слични содржини