Доколку МВР водено од Оливер Спасовски ги преземеше сите мерки за пронаѓање на сега убиениот Панче и неговото возило, убиството на Вања можело да се спречи. Наместо инаетење, Спасовски и власта треба да преземат одговорност, порача денеска на прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„На 4 декември, кога Спасовски држи заедничка прес конференција со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче рече: `Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации`. Спасовски овде го излажа народот. Вистината е следна. МВР знаело на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања. Ова е телеграма од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември“ рече Ковачки.
Пратеникот прикажа телеграма, за која вели дека е доказ дека „МВР на Спасовски знаела дека возилото на Панче е исчезнато уште од 22 ноември, но не преземаат ништо“.
„Напротив, полицијата по однос на овој случај презема акција 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма. По оваа прес конференција очекуваме врвот на МВР да преземе одговорност, затоа што доколку навреме реагирале уште на 24 ноември и објавиле централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена“, наведува пратеникот.