Политичарите Христијан Мицкоски, Александар Николоски, Оливер Спасовски, Драган Ковачки, обвинителката Вилма Русковска, уредници и новинари на повеќе медиуми се само дел од имињата кои биле жртва на масовно незаконско прислушување. Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница на Комисијата за надзор над АНБ и АР, за да се разгледаат сомнежите за незаконско постапување во Агенцијата. Неизвесно кој ќе ја свика. Од друга страна, СДСМ побара декласификација на сите документи за како што велат, јавноста да ја дознае вистината.
„Локално“ го контакираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки во обид да дознае повеќе околу сомнежите за новата голема афера на повидок. Вели дека во случајот станува збор за тешко прекршување на Уставот, законите и на Меѓународната конвенција за човекови права, што е директен удар врз демократијата и владеењето на правото.
-Со цел обезбедување на иднината на државата, зачување на угледот и достоинството пред НАТО и ЕУ, но и да избегнеме повторување на историјата на секои 10-тина години, очекувам да имаме искрен, одлучен и сериозен процес на прочистување од старите пракси кои беа користени од страна на поранешните раководства на службите за безбедност и разузнавање и тоа: 1. за оцрнување (сатанизирање) на поединци од тогашната опозиција (не на сите), на новинари и сл, 2. за лично богатење, но и 3. за други лични и партиски интереси, наведува Ковачки во изјавата.
Дополнително очекува овие методи од минатото да останат зад нас, а извршителите и нарачателите да бидат изнесени пред лицето на правдата и да одговараат. Исто така очекува Јавното обвинителство да се разбуди и да излезе со обвинителни акти.
Вели дека бил запознаени со тврдењата, но не од АНБ туку од „прес-конференциите на СДС од пред неколку години кои на најбрутален начин си ја искористија АНБ да пишуваат лажни извештаи со цел да имаат материјал за прес-конференци“.
-Секако, овие муабети биле пласирани и кај политички претставници на меѓународната заедница за сатанизација и оцрнување, објаснува пратеникот.
Запрашан дали смета дека е потребна итна декласификација на сите документи како што бараат од СДСМ, Ковачки објаснува дека го зачудува дрскоста на опозицијата.
-Мислам дека на темава треба да молчат, да излезат да се извинат за држените прес-конференции за мене и да си ги подготват нарачателите за одговорност пред институциите, заклучува Ковачки.
Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски тврди дека Мицкоски не бил следен. Тој го повика актуелниот директорот на Агенцијата, Христовски веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби, особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата од 2019 до 2022 година.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот класифицирани информации со степен на државна тајна“, вели Димовски.
И додека Димовски потврдува дека во тој период, согласно законските надлежности во Агенцијата се правеле проверки за безбедносните сертификати, со кои биле опфатени тогашен и сегашен пратеник за оддавање класифицирана информација, за што била поднесена и кривична пријава до Обвинителството, ексминистерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вели дека истрагите недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби.
Н.П.