„Скандалот со делегацијата која ја примил Талат Џафери во Македонското Собрание во која биле дел чеченски политичари, поранешни пратеници во руската Дума отвораат низа на прашања, кои за жал остануваат неодговорени“, вели денеска повторно Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Зарем е нормално во Парламент на земја членка на НАТО, средба да имаат претседател на Парламентот и лице каков што е Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин“. Ова лице е со потенцијален безбедносен ризик и затоа се потребни одговори како, зошто и кој дозволил таква средба, за што се разговарало на таа средба и дали воопшто Џафери ги известил безбедносните служби за оваа средба“, прашува тој.
Ова ја компромитира Македонија и ја нарушува довербата пред нашите стратешки партнери, истакнува Ковачки.
„За доброто на институцијата Претседател на Собранието, но и за имиџот на Македонија најдобро е Талат Џафери да си поднесе оставка, а прв кој треба тоа да го иницира е Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ“, посочува членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.