Ковачки ѝ се извини на новинарката од СДК, тврди дека и тој бил навредуван

од Nikola Popovski
217 прегледи

Внимателно ги следам објавите на медиумите во кои ме обвинуваат дека сум ја обвинил новинарката Соња Делевска дека при поставување на прашања во ходник на директорот на АНБ, снима со телефонот. Посочената новинарка никогаш претходно не сум ја видел ниту сум имал било каков претходен контакт со неа, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки по обвинувањата дека попречувал новинари да земат изјава од директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Тој во својата објава на социјалните мрежи истакнува: „Молам да бидеме достоинствени во известувањето затоа што тенденциите за оцрнување се прилично очигледни“. Вели дека отсекогаш се залагал за најширока транспарентност и имал коректен однос со новинарите, но, според него, не е во ред да се настапува со теза која е потврдена само од новинарот.

-Доколку новинарката е навредена од мене иако за тоа нема никаква причина, јас еве јавно и се извинувам. За погрдните и омаловажувачки зборови кои беа упатени кон мене од новинарката, а за што има сведоци, не барам извинување, стои во објавата на пратеникот.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди, како што велат, непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ги повикуваме сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети, порачаа од ЗНМ.

Се огласија и од СДСМ. Според партијата, „ова однесување многу потсетува на режимското време на ВМРО-ДПМНЕ и односот кон новинарите и претставува напад врз слободата и вредностите на едно демократско општество“. СДСМ побара од Ковачки да ѝ се извини на новинарката.

Според пишувањата на медиумите, Ковачки ја прекинал комуникацијата меѓу Делевска и Христовски во моментот кога новинарката на СДК.мк го прашала за ТОЕФЛ-сертификатот од Пловдив, кој директорот на АНБ треба да го достави до Антикорупциската комисија до четврток.

„Исклучи го микрофончето. Снимаш”, ѝ рекол Ковачки на Делевска, по што таа им го дала мобилниот телефон на Христовски, а потоа и на Ковачки да проверат.

Ова следуваше откако Комисијата за надзор над работата на тајните служби не стигна да ја разгледа информацијата поднесена од СДСМ за именувањето на Христовски за директор на АНБ. Жестока дебата се разви откако ВМРО-ДПМНЕ побара, а СДСМ поддржа претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи да стави на дневен ред точка за посета на двете агенции од страна на членовите на Комисијата. Претседателот одби оти немал безбедносен сертификат и не можел да оди во посета на тајните служби.

Слични содржини