Во периодот од 28 февруари до 6 март регистрирани сe 2.504 нови позитивни ковид случаи, што е за 32,3 отсто помалку во однос на претходната недела, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од вкупно тестирани 17.416 материјали во лабораториите регистрирани сe 2.504 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 32,3% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи во просек до 14%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, Скопје и Демир Капија.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.
Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 46,9% во возрасната група од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.