Додека бројот на заразени продолжува да расте во седумте членки на блокот, лидерите на ЕУ на видео-конференција во четвртокот навремено се согласија дека треба да работат на ковид-пасоши за да бидат подготвени додека бројот на вакцинирани достигне задоволително ниво. Документот во дигитална форма ќе им биде издаден на оние кои примиле некои од вакцините одобрени во ЕУ, но не и на луѓето кои го прележале Ковид, пишува порталот „Еурактив“. Германската канцеларка Ангела Меркел објасни дека развојот на националните документи ќе трае три месеци, кои потоа „во догледна иднина“ ќе се трансформираат во заеднички европски, наведува „Дојче веле“.
Грција и другите земји кои многу зависат од туризмот, како што се Шпанија, Малта, Италија и Кипар, но и Австрија и Естонија, инсистираат на сертификатот најмногу. Германија и Франција на почетокот се двоумеа, најмногу поради фактот што вакцината не е широко достапна и затоа што научниците не се сигурни колку штити од нови варијанти на вирусот. Исто така, постои загриженост дека пасошите би ги дискриминирале невакцинираните лица.
Меркел попушти малку сега. По состанокот, таа рече дека се потребни пасоши, но дека оние што ги немаат ќе можат да патуваат, дека сè уште не е донесена политичка одлука и дека тие во моментот не се приоритет, со оглед на малиот процент на вакцинирани граѓани. Европската комисија објави дека околу пет проценти од граѓаните на ЕУ ја примиле првата доза досега (испорачани биле 51,5 милиони дози, а биле дадени 29,17 милиони).
Кога германската канцеларка беше запрашана зошто не ја прима вакцината на Оксфорд за да им покаже на граѓаните дека е безбедна и ефикасна (Германците се двоумат, затоа 1,4 милиони дози се неискористени, додека нема други), Меркел рече дека не е одобрена за лица над 65 години. Не добила друга, наводно да не им зема доза на оние кои се во поголем ризик од неа. Сепак, таа им порача на граѓаните дека поради новите варијанти на вирусот, тие мора да се подготват за ситуацијата на постојано вакцинирање, слично на грипот.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел призна дека пасошите остануваат отворено прашање и дека секоја земја ќе одлучи што ќе овозможи документот. За усогласувањето на сертификатите ќе се дискутира во следните три месеци на ниво на амбасадори. Шефот на ЕК, Урсула фон дер Лејен рече дека ако ЕУ не го направи својот пасош, ќе скокнат „Гугл“ и „Епл“, кои, како што рече, веќе нудат решенија на СЗО, а тоа се „чувствителни податоци“. СЗО соопшти дека тие имаат софтверски неутрален пристап кон развој на сертификати и дека ниту „Гугл“ ниту „Епл“ не се вклучени во процесот. Извори од Брисел за „Еурактив“ велат дека, доколку нема заедничко решение, сигурно ќе има повеќе билатерални договори, како што е оној меѓу Грција и Израел. ЕУ не го поддржува тоа, бидејќи смета дека ќе има хаос во шенген зоната ако туристите од Велика Британија или Израел имаат поголеми права на движење отколку граѓаните на ЕУ.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се залага за воспоставување на таканаречен зелен дигитален пасош, со кој сопственикот може да докаже дека е вакциниран, излечен од вирусот или има негативен тест. Доколку не е можно да се постигне договор за европски дигитален пасош, тој најави дека Австрија ќе го воведе на национално ниво.
Некои земји изразија гнев кон фармацевтските компании за време на конференцијата поради доцнење во испораката на вакцини. Полскиот премиер Матеуш Моравиецки беше особено огорчен. Тој предложи кршење на правата на интелектуална сопственост на компаниите кои не ги почитуваат договорите, а извезуваат во Емирати или Израел. Пред самитот, бугарскиот министер за здравство испрати агресивно писмо до британско-шведската компанија „АстраЗенека“, во кое го обвини дека „им ја одзема надежта на Бугарите“ со недоставување на вакцините.
Компанијата во четвртокот изјави дека се обидува да испорача 40 милиони дози на ЕУ до крајот на март, иако тоа беше помалку од половина од договорените. Со такво доцнење, се поставува прашањето дали блокот ќе ја исполни целта за вакцинирање на 70% од граѓаните до крајот на летото. Агенцијата за борба против измами на ЕУ, ОЛАФ, ги потврди медиумските извештаи дека постои голем црн пазар за вакцини. Новиот италијански премиер Марио Драги повика на многу поостар однос кон фармацевтските компании поради доцнењата во испораките.
Лидерите на ЕУ потврдија дека ќе одржат цврсти мерки за ограничување на јавниот живот и слободата на движење додека блокот се бори против појавата на нови варијанти што го попречуваат закрепнувањето на економијата. Процесот на одобрување на вакцините, исто така, треба да се забрза, преку „итни одобрувања“ на ниво на цела ЕУ, со пократки процедури за тестирање, објави Ројтерс. Пандемијата однесе повеќе од 900.000 животи во Европа и го турна континентот во длабока рецесија. Иако стапката на инфекција опаѓа во околу 20 членки, сепак се зголемува за седум. Ситуацијата е особено тешка во Чешка и Словачка.