Коѕијас во посета на САД пред новата рунда преговори оваа недела

од desk4

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас од денеска е во посета на САД, каде на средбите со високите  американски претставници една од темите ќе бидат и преговорите за името, јавуваат грчките медиуми, пренесува МИА.

Според официјалната програма, Коѕијас денеска ќе се сретне со новиот американски државен секретар, Мајк Помпео, ќе разговараат за билатерална соработка и прашања што се од регионален интерес со акцент на Блискиот исток. Додека пак претходно ќе оствари средба со помошниот државен секретар Вес Мичел.

Во вторник ќе разговара со советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, а ќе има контакти и со лидерите на двете законодавни тела на САД, меѓу кои со копретседателите на „Congressional Hellenic Caucus”  и „Congressional Hellenic Israeli Alliance”.

Текот на преговорите за името и кипарското прашање ќе бидат главните теми, според грчкото МНР, на средбата на Никос Коѕијас со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, закажана за во среда.

Викендов, американскиот потпретседател Мајкл Пенс телефонски разговарал со грчкиот премиер Ципрас, само неколку часа откако Грција го одби предлогот Илинденска Македонија.

Весникот „Елефтерос типос“ пишува дека Коѕијас започнува маратонски дипломатски активности во траење од речиси две седмици. Од САД, тој, според весникот, ќе замине за Брисел, а оттаму за Германија.

Нова рунда преговори во четврток и петок

Во четврток и петок во Њујорк, шефовите на македонската и на грчката дипломатија ќе одржат средба со медијаторот Метју Нимиц во седиштето на ОН.

Онлајн изданието на весникот „То вима“ коментира дека оваа средба, можеби е и последна шанса за договор.

„Оваа средба е од исклучиво значење и особено клучна за текот на преговорите. Можеби е и последна шанса за напредок по „бродоломот“ со името „Илинденска Македонија“ и враќањето на петте почетни имиња што ги достави Метју Нимиц. Секако, двете имиња што преовладуваат се Нова и Горна Македонија и веројатно разговорите ќе се движат околу овие сценарија, пишува електронското издание на грчкиот весник,а пренесува МИА.

По отфрлањето на предлогот „Република Илинденска Македонија“ од грчката Влада и опозиција, македонската Влада соопшти дека со предлогот е временска референца која треба да биде компромис за можното решение меѓу двете земји.

„Со ова име правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година. Република Македонија и граѓаните на Република Македонија немаат никакви територијални претензии и ги потврдуваат неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција“ пишува во соопштението од Владата од каде што очекуваат дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина.

Премиерот Заев вчера, по лидерската средба, на јавноста и го презентираше предлогот што му го доставил на грчкиот премиер Ципрас.

Слични содржини