Крај на пријателството: Маск не сака повеќе да биде „корисен идиот“ на Трамп

од Марта Пешевска
23 прегледи

Некогаш неприкосновен сојузник, денес сè почесто критичар – Маск го менува курсот кон Трамп и неговата администрација. Според многумина, беше само прашање на време. И сега, изјавите на Илон Маск – сопственик на Tesla, SpaceX и социјалната мрежа X – потврдуваат дека некогашната блиска соработка, а можеби и пријателство со Доналд Трамп, е пред дефинитивен крај.

„Разочаран сум. Огромното зголемување на владините трошоци и јавниот дефицит ќе го поткопаат сè што изградивме под Доџ“, изјави Маск, критикувајќи ја актуелната економска и фискална политика на администрацијата. „Доџ“ (Оддел за владина ефикасност) беше проект кој Маск го водеше со цел намалување на бирократијата, вклучувајќи масовни кратења на буџети и отпуштања.

Оваа критика е одговор на најавената даночна и имиграциска реформа на Трамп, која според независни анализи, може значително да го зголеми јавниот долг на САД. Маск, кој одамна предупредува на опасностите од непромислено трошење, повеќе не го крие своето незадоволство.

Падот на едно политичко пријателство

Само шест месеци откако влезе во владата, Маск објави дека се повлекува. Тој се оддалечи од движењето MAGA (Make America Great Again) и одлучи да се врати на работата во своите компании. Фотографиите од изборните митинзи каде што Маск го поддржуваше Трамп се заменети со поинаква слика – Маск во интервју за CBS носи маичка со натпис „Occupy Mars“, не „Make America Great Again“. Тој сега е јасен: „Дојдов до точка каде што повеќе не гледам смисла да поддржувам политики што не се фокусирани на долгорочна одржливост“.

Од најлојален поддржувач до остар критичар

Маск не ја штеди администрацијата. Ги критикуваше високите царини, трговската политика кон Кина и неодамнешните економски закони. На еден состанок со инвеститори, го нарече трговскиот советник на Трамп – Питер Наваро – „кретен“. Иако во минатото донираше големи суми за кампањата на Трамп, Маск најави дека во иднина ќе ги намали донациите, бидејќи смета дека политиката го влече неговиот бизнис надолу.

Бизнисите го чувствуваат товарот

Тесла се соочува со пад на продажбата од 13% во првиот квартал од 2025 година. Најголем удар претрпе во Калифорнија и Германија – пазари што традиционално беа наклонети кон еколошки технологии. Вредноста на половни Тесли се намали за 15% за еден месец. Во групна тужба, клиенти ја обвинија компанијата дека не ја прикажува точната километража на возилата, а Маск ги обвини медиумите и „псевдоактивистите“ дека го саботираат неговиот успех.

Старгејт: проекти без Маск

Ново масло на огнот долеа проектот „Старгејт“, мегапроект на администрацијата вреден 500 милијарди долари, кој треба да го зацврсти американското водство во АИ технологиите. Маск е целосно изоставен – водечките компании се OpenAI, Oracle и Nvidia. Тој јавно го нападна проектот и изрази незадоволство од тоа што е „исклучен од таблата“. Медиумите дури објавија дека ќе присуствува на брифинг во Пентагон за потенцијален конфликт со Кина, но Трамп го демантираше тоа на својата мрежа

Truth Social: „Смешно! Кина нема ниту да се спомне.“

Симпатија што бледее

Иако во април Трамп се обиде да го поддржи Маск, организирајќи изложба на Тесла возила во Белата куќа, последните изјави покажуваат промена во тонот. Маск вели дека се враќа во Тесла со полно работно време за да го запре падот. Трамп, пак, во своја одбрана рече: „Ќе мора да промениме некои делови од законот“, признавајќи дека нешто не е како што треба.

Маск како „новиот Бенон“?

Поради блискоста со претседателот, медиумите го нарекоа „прв пријател“. Некои го споредија со Стив Бенон – креаторот на победничката кампања на Трамп, кој подоцна беше отпуштен и наречен „корисен идиот“. Но, Маск не е само политички советник. Тој е бизнисмен со глобално влијание. Проблемот е што тоа влијание сега станува товар. Јавниот имиџ на Маск – и неговите политички изјави – почнуваат да имаат директно влијание врз неговите компании.

Крај на една ера?

Можеби не е официјално, но крајот на пријателството Маск-Трамп е близу. Маск се враќа на својата „секојдневна работа“ – технологија, иновација, и, како што самиот вели, „24 часа работа, седум дена во неделата“. Но дали тоа ќе биде доволно за да ја врати довербата на јавноста и пазарите? Едно е сигурно – политиката веќе не му носи профит. Напротив, почна да ја наплатува цената.