Легендарната американска тенисерка Серена Вилијамс го заврши натпреварувањето на Вимблдон во првото коло, откако го предаде мечот против Алиаксандра Саснович на средина од првиот сет поради повреда на глуждот.
Освојувачката на 23 Гренд слем титули, од кои седум на Вимблдон, се здоби со повреда при резултат 3:3 во гемови, откако стапна незгодно.
Таа се обиде да го продолжи натпреварот, но на крајот во солзи го напушти Централниот терен.
Искусната, 39-годишна тенисерка последен пат славеше на Вимблдон пред пет години. Во претходното издание, таа стигна до финалето, каде беше поразена од Симона Халеп.
Прашање е дали ова е крај на нејзиното играње на најпрестижниот турнир, имајќи предвид дека во септември ќе влезе во петтата деценија од својот живот.