Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека крајната цел е да немаме граници, поради големиот застој на премините за влез и излез од државата.
-Кога имаме граничен премин, постојат процедури кои мораат да бидат запазени. Сите капацитети на границите работат во полн состав. 45% имаме зголемување на патници и возила на влез и излез од државата. Отворен Балкан не подразбира дека рампите се кренати и дека во тие земји се влегува и излегува без да се застане на премините. Во рамките на таа иницијатива, се уште се прават анализи каде и на кој начин ќе може да се скрате времето на поминување, појасни Спасовски.
Тој додаде дека бизнис-заедниците од земјите во „Отворен Балкан“ ќе имаат привилегии на граничните премини за побрзо минување, како и за граѓаните кои ќе можат да минуваат на посебни ленти.
-Мислам дека максимални напори правиме со Царинската управа и другите институции за најбрзо минување на границите, но секако не може да дојдеме во ситуација кога воопшто нема да се застане на премините, кажа Спасовски пред медиумите при посетата на граничниот премин „Табановце“ во рамките на проектот на Стопанската комора за следење на протокот на стоки на овој премин.