Британскиот крал Чарлс Трети ја пофали Германија за нејзиното „исклучително гостопримство“ кон украинските бегалци за време на неговата прва државна посета како монарх.
Кралот рече дека и Велика Британија и Германија „стојат заедно со Украина во одбрана на слободата и суверенитетот“.
Во здравица на раскошниот државен банкет, за време на кој во еден дел зборуваше на германски јазик, британскиот крал вети дека ќе ги зајакне врските со Германија.
Говорот пред високите личности од двете земји, меѓу кои и поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, предизвика многу смеа и аплаузи.
Тридневната посета на Германија, во која тој дојде со Камила, уследи по откажувањето на посетата на Франција по немирите во неколку градови поради пензиските реформи планирани од владата на францускиот претседател Емануел Макрон.
Така, Германија стана првата земја која Чарлс ја посети откако стана крал на Велика Британија.
Воедно, ова е прва посета на Германија на британскиот монарх од 2015 година, кога во таа земја престојуваше кралицата Елизабета Втора.