Британскиот крал Чарлс денеска на климатскиот самит COP28 во Дубаи ја изрази својата длабока загриженост дека светот е далеку од решавање на климатската криза.
Во своето обраќање, кралот Чарлс предупреди дека опстанокот на човештвото ќе биде загрозен доколку, како што наведе, „не се обнови природната рамнотежа“.
Тој потсети дека учествувал на отворањето на самитот COP21 во Париз, каде што беше усвоен важниот Париски договор и изрази очекување дека COP28 ќе биде уште една клучна пресвртница кон вистинска акција во борбата против климатските промени.
Британскиот крал истакна дека научниците веќе долго време предупредуваат за пресвртните точки во климатските промени кои сега се достигнати, пренесе „Гардијан“.
Предупреди дека луѓето спроведуваат „голем, застрашувачки експеримент“, менувајќи ги природните услови со забрзано темпо, што, како што рече, далеку ја надминува способноста на природата да се справи со тоа.
COP28 е можност да се одржи заедничката надеж, рече Чарлс Трети.
Според него, учесниците на самитот за климата треба да се потсетат на автохтониот поглед на светот според кој сите живи суштества се поврзани и според кој Земјата не им припаѓа на луѓето, туку луѓето на Земјата.
Во Дубаи започна годишниот самит на Обединетите нации за борба против климатските промени, попознат како COP28.
Домаќини на средбата се претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.