Кралот им рече „Не“ на Далас

од Vladimir Zorba
8 прегледи

Додека Лос Анџелес Лејкерс влегуваат во она што може да биде нивната последна сезона со Леброн Џејмс во тимот, парчињата полека се спојуваат за иднината без Кралот. Ова веројатно ќе биде неговата проштална сезона во виолетово-златниот дрес – или како претходница за промена на сцената или како крај на една од најголемите кариери во историјата на играта.

Медиумите во последните недели шпекулираат за можна размена во Далас, каде што Џејмс би играл заедно со Ентони Дејвис и суперталентираниот Купер Флаг. Се пишуваше дека Маверикс „не се заинтересирани“, но според „Атлетик“ и нивниот почитуван новинар Џон Холинџер – всушност Леброн беше тој што го одбил Далас.

Целото сценарио имаше своја логика. Играњето со Дејвис, со кого освои шампионски прстен во 2020 година, и феномен во подем како Флаг изгледаше примамливо.

Но – 52 милиони долари загарантиран договор со Лејкерс за оваа сезона е тешко да се остави на маса. Во тим каде што има целосна контрола, репутација и удобност, Леброн Џејмс одлучи да остане – барем уште една година.

Од друга страна, аналитичарката од НБА, Рејчел Николс, наведува дека Маверикс веќе јасно ставиле до знаење дека немаат планови да го доведат Џејмс и дека вратата е затворена. Исто така, таа не гледа дека Лејкерси ќе се согласат на размена што го вклучува Карл-Ентони Таунс, бидејќи не веруваат дека тоа ги прави подобар тим.

– Не мислам дека сакаат да се вратат назад и да го разменат Леброн, ниту да го откупат неговиот договор за да може да оди некаде и можеби да стане подобар од нив – рече Николс во емисијата „Опен Флор“.

Во превод: ниту една страна не брза. Леброн останува, но Лејкерси веќе размислуваат однапред. Според инсајдерот од НБА, Ентони Ирвин, франшизата веќе полека ги скицира плановите во насока на Лука Дончиќ, како основа на следната ера.

Амбицијата е тука – да се комбинира Словенецот со Никола Јокиќ или Јанис Антетокумпо, штом ќе се создадат финансиски услови. А тоа, секако, ќе се случи дури кога Леброн ќе ја напушти сцената.

Дотогаш, Лејкерси сè уште ја играат картата на Кралот, но никој не живее под илузијата дека тоа ќе трае вечно.

Слични содржини