Кремљ ја поздрави „воздржаноста“ на САД во врска со ракетата која падна во Полска претходниот ден, наведувајќи дека Русија „немала никаква врска“ со инцидентот што предизвика зголемување на тензиите.
„Треба да ја нагласиме многу професионалната реакција на американската страна со целосна воздржаност“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, осудувајќи ја „хистеријата на високите функционери на неколку земји“.
„Русија нема никаква врска со инцидентот што се случи во Полска“, додаде Песков, повторувајќи ги претходните изјави на руското министерство за одбрана.
Ракета од руско производство падна вчера во рурална област на Полска во близина на границата со Украина, при што загинаа две лица. Тоа предизвика тензии и страв од ескалација на конфликтот.
Американскиот претседател Џозеф Бајден утринава, на маргините на самитот на Г-20 на Бали, изјави дека е малку веројатно ракетата да е истрелана од руска територија, а во исто време ѝ понуди поддршка на Полска во истрагата.