Кремљ ги отфрли обвинувањата за труење на Навални и не гледа причина за санкции

од Vladimir Zorba
152 прегледи

Кремљ во четвртокот ги отфрли обвинувањата дека Русија е одговорна за труењето на опозицискиот политичар Алексеј Навални и рече дека не гледа основа за воведување санкции кон Москва во врска со случајот.

Оттаму објавија, ден откако германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Навални е отруен од советски воен отров „Новичок“ и дека станува збор за обид за атентат.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Москва ги отфрла сите инсинуации дека Русија стои зад нападот врз Навални и ги предупреди другите земји да не прават избрзани заклучоци.

Песков рече дека нема причина да се разговара за санкции против Москва, откако Меркел рече дека Германија ќе се консултира со членките на НАТО за тоа како да одговорат на труењето.

На Навални му се слоши на летот над Сибир минатиот месец и најпрво беше лекуван во Русија пред да биде пренесен во Берлин.

Руските лекари рекоа дека не откриле траги од токсинот, но болницата „Charite“ во Берлин соопшти дека тој е отруен од некаков вид инхибитор на холинестераза, група хемикалии кои вклучуваат пестициди и нервни токсини како „новичок“, VX и сарин.

Германија во средата објави дека тестовите спроведени во воена лабораторија потврдиле дека Навални бил отруен од новичок.

Берлинската болница објави дека Навални се уште е во индуцирана кома и се лекува со атропин.

Слични содржини