Кремљ денеска објави дека руската економија е во состојба на шок и дека се преземаат мерки за ублажување на влијанието на невидената економска војна против Москва.
„Нашата економија доживува шокантен удар и има негативни последици, но тие ќе бидат минимизирани“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Оценувајќи дека ситуацијата е турбулентна, Песков изјави дека веќе се преземени мерки за стабилизирање на ситуацијата, пренесе Ројтерс.
„Ова е апсолутно без преседан. Економската војна против нашата земја никогаш досега не се случила, така што е многу тешко да се предвиди нешто“, рече Песков.
Претходно, Европската унија (ЕУ) договори нова рунда санкции против руски функционери, олигарси и членови на нивните семејства вклучени во агресијата против Украина.
Исто така, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека САД водат „економска војна“ против Русија.
Претходно беше одлучено дека граѓаните на Русија нема да можат да купуваат девизи до 9 септември, а нема да можат да подигнат повеќе од 10.000 долари од девизните штедни сметки.
Со јавниот притисок кој го интензивираше конфликтот во Украина, големите мултинационални компании предводени од „Мекдоналдс“ најавија повлекување од Русија, каде нивното доаѓање пред неколку децении беше еден од белезите на крајот на Студената војна, приближувајќи ги вкусовите и културата на Америка до советските граѓани.