Кремљ денеска изрази жалење поради одлуката на Европската фудбалска унија (УЕФА) да ја одземе организацијата на финалето на Лигата на шампионите во Санкт Петербург и да го замени со Париз, по рускиот напад на Украина.
„Штета што е донесена таква одлука“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Тој додаде дека Санкт Петербург може да обезбеди „идеални услови“ за ваков фудбалски празник.
На 28 мај од 21 часот на стадионот „Франција“ ќе се игра финалниот натпревар од најелитното европско натпреварување.
УЕФА му се заблагодари на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за „неговата лична поддршка и посветеност да го пресели најпрестижниот натпревар од европскиот клупски фудбал во Франција за време на кризата која е без преседан“.
Извршниот комитет на УЕФА, исто така, одлучи руските и украинските клубови, како и репрезентациите, своите натпревари да ги играат на неутрални терени до дополнително известување.
Стадионот „Франција“ последен пат беше домаќин на финалето на Лигата на шампионите пред 16 години кога Барселона го победи Арсенал.