Кремљ очекува Западот да се измори од војната во Украина

од Vladimir Zorba
266 прегледи

Од Москва во понеделникот соопштија дека очекуваат Западот да се измори од војната во Украина, во време кога се зголемуваат повиците меѓу американските конзервативци да ја прекинат финансиската и воената помош за Киев и кога проруска партија ја презема власта во Словачка, според генцијата ДПА.

„Неколку пати претходно кажавме дека, според нашите прогнози, во овој конфликт ќе дојде до замор – растечки замор во голем број земји со ова целосно апсурдно спонзорирање на режимот во Киев, вклучително и во САД“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Тој замор ќе доведе до фрагментација на политичкото раководство и зајакнување на противречностите“, рече тој, пренесува агенцијата ТАСС.

Песков рече дека преговорите за буџетот во САД и блокадата во Конгресот за нова финансиска помош за Украина се само привремени.

„Америка, се разбира, ќе продолжи да биде вклучена во овој конфликт и практично ќе биде директно вклучена во него“, рече тој.

Во Европа, сите очи сега се вперени во Словачка, каде на изборите викендов победи левичарската популистичка партија на Роберт Фицo.

Словачка досега беше еден од најцврстите воени и политички поддржувачи на Украина, но Фицо рече дека ќе престане да испраќа оружје доколку стане премиер.

Песков рече дека тоа не значи дека Фицо е наклонет кон Русија.

Тој додаде дека сега се обидуваат да го етикетираат секој политичар кој се залага за суверенитетот и интересите на својата земја како проруски. „Но, тоа е апсурдно“, рече тој.

Во интерес на Русија е на власт да дојдат поискусните политичари кои имаат „трезвен“ поглед на ситуацијата.

Слични содржини