Кремљ: Русија внимателно ќе ги следи разговорите меѓу Зеленски и Ердоган во Турција

од Stefanija Kuzmanovska
290 прегледи

Кремљ денеска соопшти дека „многу внимателно“ ќе ги следи разговорите меѓу претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој вечерва треба да ја посети Турција.

„Ќе ги следиме резултатите од преговорите многу внимателно и ќе го одржиме нашето конструктивно партнерство со Анкара“, изјави за новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Тој ја поздрави посредничката улога на Ердоган во врска со војната во Украина и посочи дека турскиот претседател „вложил големи напори за решавање на различни проблеми во неколку наврати“.

„Би биле заинтересирани да знаеме за што разговарале Ердоган и Зеленски. Тоа е важно“, рече Песков.

Предвидено е Зеленски вечерва да пристигне во Истанбул во посета пред важниот самит на НАТО на 11 и 12 јули во Вилнус, Литванија.

Разговорите меѓу Зеленски и Ердоган се важни и затоа што Москва се заканува овој месец да не го продолжи договорот за извоз на украинско жито постигнат со посредство на Турција.

Слични содржини