Кремљ се огласи во врска со исчезнувањето на Навални: „Секое мешање е неприфатливо“

од Stefanija Kuzmanovska
321 прегледи

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Кремљ нема ниту намера ниту можност да го следи издржувањето на затворската казна на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

„Не, немаме ниту намера ниту можност да ја следиме судбината на затвореникот и процесот на неговиот престој во надлежните институции“, рече Песков на прес-конференцијата, пренесе РИА Новости.

Коментирајќи ги изјавите на Вашингтон за загриженост за судбината на Навални, Песков рече дека тој е прогласен за виновен на суд и дека секое мешање, вклучително и американско мешање, е неприфатливо.

„Станува збор за затвореник кој е прогласен за виновен и издржува казна. Сметаме дека било чија интервенција, вклучително и на САД, е неприфатлива“, нагласи Песков.

Претходно, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер изрази загриженост за судбината на Навални и рече дека тоа е пренесено до руската влада.

Песков истакна дека руската влада не е запознаена со такви извештаи.

„Можеби е пренесено преку МНР, не знам“, додаде тој.

Соработниците на Навални во понеделникот објавија дека шест дена немаат никакви информации за него, ниту пак знаат каде се наоѓа.

Од казнената колонија во Владимирската област, каде што Навални издржува 30-годишна казна, соопштија дека тој повеќе не е на нивната листа на затвореници.

Слични содржини