Крилото на Таравари обвинува дека фудбалот во Македонија се движи кон насилство и етничка омраза

Алијанса за Албанците бара целосна истрага за инцидентите на теренот и на трибините на мечот Вардар-Башкими

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Фејсбук

Едното од трите крила на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, остро реагира на инцидентите на натпреварот Вардар-Башкими, опишувајќи го она што се случи како срам и алармантен сигнал дека фудбалот во Македонија се движи кон насилство и етничка омраза. Според АА, немилите настани на крајот од нтпреварот и напнатата атмосфера на трибините докажуваат целосен неуспех на институциите во организирањето и обезбедувањето на јавниот ред.

Осудувајќи секаков облик на насилство и понижувачки повици на етничка основа, партијата бара итна истрага, идентификување на провокаторите и строги казнени мерки од страна на спортските и безбедносните органи.

Во оваа реакција, крилото на Таравари упати и силни обвинувања против коалицијата ВЛЕН, опишувајќи го нивниот молк и меките реакции како синоним за „политичка немоќ“. Според Алијансата, додека Албанците се јавно понижени, Владата покажува дека има „многу пристојност, но нула институционално влијание“.

АА нагласува дека нема да дозволи нормализација на омразата и дека достоинството на Албанците останува непроменливо, одбивајќи да дозволи молчењето на другите политички партнери да се продава како мудрост.

Тензичен финиш и физичка пресметка го одбележаа натпреварот меѓу Вардар и Башкими во рамки на 19. коло од Првата македонска фудбалска лига, одигран на Тренинг-центарот на ФФМ. Инцидентот се случи во 87. минута, кога страстите целосно излегоа од контрола.

По случувањата на натпреварот во Скопје, со официјално соопштение се огласи Башкими.

„Клубот ФК Башкими 1947 ја информира јавноста и медиумите дека на денешниот натпревар против ФК Вардар, во последните минути од средбата, навивачите на домаќинот започнаа со навреди по национална база, користејќи неприфатливи повици како: „Добар Албанец, мртов Албанец“.

Овие повици беа повторени неколкупати, создавајќи тензична и неприфатлива атмосфера. Напротив, немаше соодветна реакција од делегатот на натпреварот и судијата сè додека фудбалерот на нашиот клуб не беше принуден да интервенира и привремено да го отстрани тимот од теренот.

Посочуваме дека ова беше единствената причина тимот да се повлече од теренот на неколку минути.

Клубот бара од Фудбалската федерација на Македонија да преземе итни и соодветни мерки против овој инцидент, за ваквите случаи да не се повторуваат“, порачаа од клубот од Куманово.