Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, изјави вечерва за РТС дека Србија во моментов му е поблизок партнер на НАТО од Косово и повтори дека мора да се формира Заедницата на српски општини и оти е уверен дека тоа ќе се случи.
Зборувајќи за настаните од 1998 и 1999 година пред бомбардирањето на Југославија, а на прашањето како статусот на ОВК се смени од терористичка организација, како што првично ја означи Стејт департментот, во прифатлив партнер, Хил рече дека Србија во моментот е многу поблиску до НАТО отколку Косово.
„Ако се погледне кој е партнер на НАТО, Србија е многу поблиску до НАТО отколку Косово. Во моментов да. Тоа сега е многу точно. Секојдневно работиме со српската војска, имавме вежби, тренинзи, голем број активности со српската војска… Сега работиме многу повеќе заедно отколку со ОВК или што она што излезе од нив,“ изјави Хил.
Тој додаде дека го сфаќа прашањето дали повиците да се разговара за иднината значи да се заборават злосторствата врз Србите, и рече дека изминатите децении се тежок период од историјата бидејќи имало многу злосторства за кои се разговарало во различни трибунали, вклучително и против Србите.
Меѓутоа, тој посочи дека неговата функција е да гледа напред – дали Србија и САД имаат доволно заедничко за да сторат повеќе.
„Имам силно чувство дека имаме и се надевам дека ќе успееме во тоа,“ изјави Хил.
Во однос на констатацијата дека не се забележува истата одлучност во обраќањето кон Приштина и Белград, на пример во однос на Заедницата на српски општини, бидејќи се чини дека САД се прилично попустливи кога треба да ја убедат Приштина да го спроведе она на што се обврзала, Хил вели дека тоа е само перцепција на Белград, бидејќи, како што наведува тој, Вашингтон зазел цврст став и јасно ставил до знаење дека тоа е одамна задоцнета обврска.
„ЗСО е договорена пред 11 години, и нашиот став и ставот на ЕУ, а го слушнавме и Жозеп Борел да зборува за тоа, затоа што ЗСО мора да се формира. Неопходно е и би решило многу проблеми, на пример, прашањето со пензионерите – како да се добијат средства за пензионерите, како да се реши прашањето на динарот, како да се управува со образованието… Сето тоа би се решило со ЗСО,“ истакна Хил.
Тој повтори дека САД стојат зад тоа и инсистираат на тоа.
„Мислам дека во еден миг нашиот пратеник Габриел Ескобар во однос на ЗСО и Курти рече дека ‘тоа ќе го направиме со или без Курти’. Тоа се силни зборови и САД застанаа зад нив. Преговори има, треба да ги решите работите, не е лесно, но ние сме посветени на тоа и сигурен сум дека во одреден момент ќе го направиме тоа,“ рече американскиот амбасадор.
Тој додаде дека очекувањата на САД во Рамбује биле дека за неколку години сите ќе бидат во Европа, но исходот е очигледно поинаков.
„Но, тоа не го менува она што треба да се направи. Вистинското место за Србија е во Европската унија и ние би сакале да ѝ помогнеме на Србија да стигне таму. Се надевам дека тоа ќе се случи порано отколку подоцна,“ нагласи Хил.