Запрашан дали е запознаен со тврдењето на дел од повредените од пожарот во Кочани дека секој месец мораат да го продолжуваат боледувањето и дали можат да се поедностават бирократските процедури, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски истакна дека станува збор само за еден повреден пациент.
-Критериумите во Фондот се воспоставени за сите пациенти, немаме специјални критериуми за различни групи на пациенти. Ако се менуваат правилата, тоа треба да биде за сите. Контроли на еден месец се долгодишно искуство колкав е периодот на кој може да настане промена во текот на болеста за да се продолжи или прекине боледувањето. Во моментов не разгледаме промена на правилата. Пред Уставот и законот сите сме еднакви. Има болести каде што текот на болеста е многу попредвидлив од овој случај, па се уште таа е обврската за контроли, кажа Клековски, одговарајќи на новинарски прашања.
Дел од медиумите објавија сторија дека со тешки изгореници кои се уште не се доволно зараснати и психички се уште недоволно закрепнати, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ кои се во работен однос, секој месец мораат да се појавуваат пред комисија за продолжување на боледувањето. Според тврдења кои ги објави „ТВ 24“, наместо фокус на лекување и рехабилитација, пациентите повторно се соочуваат со административни процедури, кои, според нивните семејства, дополнително ја влошуваат и физичката и психичката состојба на настраданите. Родителите на повредените бараат државата да ја поедностави постапката и да им овозможи подолг период на боледување.