Критичарите на Каракачанов го напуштија, ќе прават нова партија – бил премногу руски настроен

За таквата состојба на нештата тие го сметаат за одговорен Каракачанов, кого го обвинуваат за „раскинување со основните идеолошки вредности на ВМРО и узурпирање на власта“.

од desk2
66 прегледи Фотографија: Официјална Фејсбук страница на Красимир Каракачанов

Група активисти на ВМРО ја напуштија партијата со остри обвинувања до нејзиниот лидер Красимир Каракачанов дека ја води формацијата кон проруски позиции и организациска пропаст. Тие создадоа здружение наречено „ВМРО – Иван Михајлов“, кое се чини дека е подготвителен чекор кон создавање нова партија, пишува бугарскиот онлајн медиум „Сега“.

Еден од основачите на здружението е поранешниот пратеник Искрен Веселинов. Минатиот месец, тој конечно ја напушти ВМРО, објаснувајќи дека „актуелниот претседател ја води кон ликвидација, ја менува нејзината идеолошка основа, кршејќи ги нејзините структури и бркајќи ги лојалните на каузата“.

„Сега“ потсетува дека во 2022 година Веселинов беше избран за копретседател на ВМРО заедно со Ангел Џамбазки и Александар Сиди. Тогаш Карачанов остана почесен претседател. Во почетокот на 2024 година, тој, сепак, се врати на чело на партијата.

Каракачанов беше вицепремиер и министер за одбрана во владите на Бојко Борисов.

Противниците на Каракачанов ја објавија основачката декларација на нивното здружение, во која напоменуваат дека партијата на избори добива помалку од 1% од гласовите и велат дека повеќето локални структури постојат само на хартија. За таквата состојба на нештата тие го сметаат за одговорен Каракачанов, кого го обвинуваат за „раскинување со основните идеолошки вредности на ВМРО и узурпирање на власта“.

„Користејќи реторика што ја повторува руската пропаганда во Бугарија, Каракачанов постепено ја истурка организацијата во оној дел од политичкиот спектар во кој гравитираат субјекти што многупати ја докажаа својата лојалност кон Кремљ. Кулминацијата беше посетата на Каракачанов на руската амбасада по повод 9 Мај“, одбележуваат критичарите.

За партијата сумираат дека паднала до „маргинализиран субјект чија единствена функција е да обезбеди материјална издршка на владејачката клика, која ги контролира приходите од имотот што ни го оставија нашите дедовци“. [ВМРО располага со сите имоти на историските организации на пребеганите од Вардарска и Егејска Македонија]

Затоа ги повикуваат сите националисти да се обединат во новата невладина организација „ВМРО – Иван Михајлов“. Како негови основни позиции ги посочуваат „силна заштита на бугарштианта во Северна Македонија, спротивставување на руските интереси на Балканот, како и борбата против хегемонистичката политика на рускиот сателит Србија“.