Шведска се соочува со големо зголемување на бројот на лица заразени со коронавирусот, а поради недостаток на медицински капацитети, соседните земји Финска и Норвешка понудија помош. Шведска досега евидентирала околу 1.400 смртни случаи од Ковид-19 само во декември.
Сепак, Стокхолм мора официјално да побара помош со цел финските и норвешките здравствени работници да се вклучат во борбата против инфекцијата, пишува Фајненшл тајмс.
Здравствените власти во шведската престолнина, наводно, ги ангажирале сите достапни лекари, како и воените сили, за борба против епидемијата.
За време на првиот и вториот бран на коронавирусот, Шведска имаше значително поголем број на заразени лица од соседните Норвешка и Финска.
Некои го припишуваат ова на „прелибералниот“ модел на контрола на пандемијата, кој не вклучуваше скоро никакви значителни рестриктивни епидемиолошки мерки во споредба со „заклучувањата“ на остатокот од Европа.
Шведска досега евидентирала околу 1.400 смртни случаи од Ковид-19 само во декември.
Во Норвешка, 100 лица починаа во истиот период, а во Финска, 80 лица.
Според извештаите од Стокхолм, болниците таму се соочуваат со многу големи проблеми, бидејќи 99 проценти од креветите на одделите за интензивна нега се полни, а здравствените синдикати предупредуваат дека голем број здравствени работници ги откажуваат договорите за вработување поради зголемени инфекции, хоспитализации и смртни случаи.
Така, само во областа на метрополата, околу 3.600 здравствени работници поднеле оставки од почетокот на пандемијата. Флуктуациите на вработените се чести, но шведските медиуми предупредуваат дека ова е за 900 повеќе откази отколку во истиот период минатата година.
Клучниот човек на Стокхолмскиот регион за здравство, Бјорн Ериксон, неделава рече дека регионот има само уште еден кревет на единиците за интензивна нега. Тој исто така ги повика приватните здравствени установи да се вклучат во борбата против епидемијата.
Шведската агенција за јавно здравје објави дека е забележан значителен „вишок на смртност“ во 47-та недела од годината, бидејќи за една недела починале 1.949 лица, што е скоро 200 повеќе од вообичаениот просек неделно, пренесува „Експресен“.
Според шведскиот „Афтонбладет“, во клиниката за инфективни болести во Малме, заразени се дури 70 проценти од здравствените работници.
Во меѓувреме, Шведска ги заостри своите препораки на национално и локално ниво, но сè уште нема донесено јасни регулативи, стратегија што наоѓа одобрување на мнозинството од населението.
Сепак, левоцентристичката влада работи на закон за пандемија кој би бил рамка за потенцијално затворање на продавници и јавен превоз, но се верува дека тој нема да стапи на сила пред пролетта, заклучува Фајненшл тајмс.