Кривичен до Апелација: Можевте брзо да одлучите по жалбите за „Организатори за 27 април“, предметот повеќе од година дена беше кај вас

од Nikola Popovski
156 прегледи

Апелациониот суд Скопје, можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или неприментат на Законот за амнестија, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката сосотјба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување. Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари, велат од Кривичниот суд како реакција на вчерашната одлука на Апелација за укинување на пресудата за „Организатори на 27. април“.

Додаваат дека „мора да се има во предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“.

-Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат Законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за Европскиот напредок.

Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд, се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност,  што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од Министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите „добронамерни“ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука, велат од Кривичниот суд, при што на крај се обратија и до Министерството за правда.

-Сосема на крај, во правец на изјавата на Министерот за правда, како суд ги повикуваме медиумите и стручната јавност да анализираат каде и заради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Вчера од Апелација соопштија дека првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.

Со став излезе и Министерството за правда.

-Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии. Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, се вели во реакцијата на Министерството за правда.

-Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво, додаваат од Правда.

 

Слични содржини