Основниот Кривичен суд Скопје го одобри обвинителниот акт поднесен од Обвинителството за организиран криминал и корупција во врска со случајот „Онкологија“. Со тоа е формиран кривично-правен предмет кој, согласно АКМИС-системот, ќе биде распределен на натамошно постапување кај судија.
На обвинителна клупа ќе седнат поранешните директори на Клиниката за онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, како и неколку онколози и двајца лекари од Одделот за белодробни заболувања. Васев се товари за злоупотреба на службена положба и загрозување на здравјето на пациенти.
Според обвинението, кај најмалку 29 пациенти било утврдено погрешно дозирање на терапијата и отстапки од стандардните онколошки протоколи. Двајца лекари од Одделението за белодробни заболувања се обвинети за давање терапија без медицинска оправданост.
Во вториот дел од постапката, Васев и поранешниот медицински директор Нухи се товарат за проневера и измама во вредност од над 35 милиони евра. Обвинителството посочува дека лекови не биле доставувани до пациентите, додека финансиските средства биле неоправдано повлечени, со што е нанесена значителна штета на државниот буџет.
Обвинителството го оцени овој случај како еден од најкомплексните случаи на криминал во јавниот здравствен систем досега.