Кривичен ќе ја преотвора постапката за случајот „Тортура“

од Берта Китинска

Кривичниот суд одлучи постапката за случајот Тортура да биде преотворена и да продолжи на 8 јули и 14 јули.

„Судот оцени дека е потребно дополнување на постапката и разјаснување на одделни прашања и затоа постапката ќе се преотвори. При изведување на сите докази, за членовите на совето е неразјаснето прашањето за употребената сила, закана и отпор“, рече судијката Александра Ристоска.

Првообвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои, Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.

Мијалков во случајот „Таргет-Тврдина“ на 26 февруари тој доби 12 години затвор, а на 13 април во „Трезор“ му беше изречена затворска казна од 8 години. Двете пресуди се уште не се правосилни односно за жалбите на странките треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.

Слични содржини