Денеска од Кривичниот суд ги повикаа новинарите и медиумите да внимаваат како ќе известуваат од судењето за трагичната смрт на Ивана и нејзината малолетна ќерка Катја.
Во прилог целото соопштение од судот:
„Во однос на тековното судење за предметот поврзан со трагичната смрт на мајка и дете во Скопје, а кој е постапка од јавен интерес, како и начинот на кој се известува од истиот и вчерашните реакции на известувањата, ја информираме јавноста дека:
Основниот кривичен суд Скопје, како за овој така и за сите останати предмети од јавен интерес, овозможува максимални услови за транспарентна и непристрасна постапка во рамки на Законски дозволеното. Судот нема овластување на било каков начин да им влијае на медиумите во нивниот начин на известување, туку, како и неколку пати досега, ги повикува, наместо сензационализам, да се придржуваат кон новинарската етика и професионализам во известувањето, што впрочем е препорака и од Советот за етика на медиумите, изразена токму за конкретниот предмет.
Во прилог препораката на Советот за етика на медиумите:
Советот за етика во медиумите (СЕММ) изразува загриженост поради начинот на кој дел од медиумите известуваат за трагичната смрт на мајка и дете, што денеска се случи во Скопје.
Известувањето за самоубиства и лични трагедии од овој тип претставува една од најчувствителните области на новинарската етика и бара исклучителна професионална воздржаност. СЕММ ги повикува редакциите да не дозволат ваквите случаи да се третираат како сензационалистички содржини.
Тоа подразбира воздржување од објавување детали за начинот на кој е извршен трагичниот чин, од шпекулации за мотивите, семејните односи или наводи за насилство без официјална потврда, како и од објавување фотографии или видеа од телата, дури и во замаглена форма. Особено е важно да се избегнуваат драматични и експлицитни наслови со цел зголемување на читаноста.
Иако ваквите трагични случаи предизвикуваат силни емоции и зголемено внимание во јавноста, токму во такви ситуации одговорноста на медиумите е најголема.
Објавувањето експлицитни детали, драматични наслови и вознемирувачки визуелни содржини не претставува израз на сочувство, ниту пак на јавна загриженост, туку ризик од дополнително нарушување на достоинството на жртвите и нивните семејства. Сензационалниот пристап не смее да се претставува како емпатија.
Професионалната одговорност и вистинската новинарска чувствителност се покажуваат преку воздржаност, точност и почитување на приватноста, а не преку засилување на емоционалниот ефект.
Објавувањето непроверени информации и визуелни содржини што го нарушуваат достоинството на починатите претставува повреда на принципите на точност, одговорност и почитување на приватноста.
Во контекст на онлајн известувањето, Советот дополнително укажува:
• Да не се користат кликбејт наслови и сензационалистички формулации
• Да се избегнува споделување и реобјавување вознемирувачки содржини
• Да се модерираат коментарите за да се спречат говор на омраза и шпекулации
• Да не се откриваат лични податоци и идентитети
СЕММ потсетува дека почитувањето на Кодексот на новинарите е основа за зачувување на довербата во медиумите и заштита на јавниот интерес“, велат од Кривичниот суд преку соопштение до јавноста.
Вчера имаше потресно сведоштво на Мартин Саздов за трагедијата во Тафталиџе. Тој раскажа за насилството, заканите и навреди кои обвинетиот Стојанче Јовановски со години ги вршел кон покојната Ивана, која пред да си го одземе нејзиниот, и животот на шестогодишната ќерка Катја со скок од зградата во Тафталиџе му се јавила на насилниот сопруг преку видеоповик.