Финансиската полиција поднесе кривична пријава против режисерот Милчо Манчевски и неговата продукциска куќа „Банана филм“ поради сомнежи за неправилно трошење на речиси 950.000 евра државни пари. Според истрагата, Манчевски и неговата фирма не доставиле извештај за потрошените средства до Агенцијата за филм, како што тоа го налага законот.
Истражувањето започнало по пријава од Агенцијата за филм, а во текот на речиси две години, Финансиската полиција, во координација со обвинителството, проучувала сомнителни финансиски трансакции поврзани со „Банана филм“. Се појавиле сериозни индиции за проневера на буџетски средства, вклучувајќи и пренасочување пари кон компанија на Манчевски во Њујорк.
Покрај тоа, медиумите во повеќе наврати известуваа за обиди за попречување на истрагата, како и за манипулации со државни институции и невладини организации кои се занимаваат со корупција.
Манчевски е корисник на национална пензија доделена на заслужни уметници, но сега се наоѓа под истрага за финансиски злоупотреби поврзани со неговите филмови „Врба“ и „Мајки“. Јавното обвинителство потврди дека кривичната пријава е примена и дека ќе продолжи со постапка за да ги испита сите наводи.