Претставници на семејствата на жртвите на масакрот од 1999 година во косовското село Рачак подигнаа обвинение пред Основниот суд во Приштина против претседателот на Србија Александар Вучиќ, поради неговата изјава дека овој масакр е „измислен“ од страна на косовските Албанци и тогашниот шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово Вилијам Вокер.
Во кривичната пријава што во име на блиските на 45-те жртви на масакрот во јануари 1999 година ја поднесе адвокатот Том Гаши, српскиот претседател се обвинува дека „намерно предизвикува и шири омраза, раздор и нетрпение меѓу етничките заедници на Србите и Албанците кои живеат во Косово“.
Вучиќ вчера застана во одбрана на поранешниот министер за администрација и локална самоуправа на Косово Иван Тодосијевиќ, кого Основниот суд во Приштина го казни со две години затвор заради „поттикнување национална, расна, верска или етничка омраза, раздор и нетрпеливост“.
Тодосијевиќ е казнет затоа што во март годинава, на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО врз Србија, ги нарече Албанците измамници, ја негира хуманитарната катастрофа во косовската војна, а масакрот во селото Рачак во 1999 година го нарече „измислица“. Уследи негово разрешување, во април, од страна на премиерот Рамуш Харадинај, а нешто подоцна и кривична пријава од страна на косовското обвинителство.
Претседателот на Србија ја оцени одлуката на судот во Приштина како „страшна“ и порача дека и тој и сите претставници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), чиј припадник е Тодосијевиќ, ќе продолжат да тврдат дека масакрот во Рачак е фабрификуван.
Вучиќ го обвини за измама и шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово Вилијам Вокер, дека лажел кога објави дека српските сили извршиле масакр врз 45 цивили Албанци во Рачак, што беше директниот повод за започнување на воздушната кампања на НАТО врз српски цели во март 1999 година, што заврши со повлекување на српските сили од Косово во јуни истата година.
– Сите членови на СЛ ќе го повторуваат истото и јас ќе го повторам сега – злосторството во Рачак е фабрификувано и се е фалсификувано од белосветскиот измамник, крадец и хохштаплер Вилијам Вокер, изјави Вучиќ во Белград, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на одлуката на приштинскиот суд.
Претседателот на Косово Хашим Тачи на својот Твитер напиша дека властите во Србија „негираат едно од најголемите злосторства врз цивилите што се случило во Европа и кое го потврди и Хашкиот трибунал“.
– Србија мора да се откаже од геноцидната политика, затоа што помирувањето и правдата не можат да се градат врз основа на негирање на злосторствата, порча Тачи.
Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај напиша дека масакрот во Рачак во 1999 година го запрепасти светот и оцени дека „патолошката омраза на Вучиќ кон Албанците се покажува и со неговите последни изјави“
– Ваквиот став јасно докажува дека Србија и во институционална форма продолжува бесрамно да го чува геноцидниот менталитет наследен од времето на (некогашниот српски претседател, Слободан) Милошевиќ, напиша Харадинај.