ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Фатмир Дехари градоначалник на Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата “ и „загрозување на животната средина и природата со отпад “. Тој, како што информираат од МВР, постапувајќи несовесно при извршување на своите законски обврски и невршење должен надзор, од 2020 година, работел спротивно на одредбите од Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина.
-Дозволил да биде формирана дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево, за која давал задолженија на вработени секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи, односно со нив да постапуваат на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на луѓето или животните и растенијата со што, го загрозил нивниот опстанок, појаснуваат од полицијата.
Кон крајот на мај, Дехари доби уште една кривична, бидејќи, како што велат од полицијата, како градоначалник на Кичево за адвокатски услуги го оштетил општинскиот буџет за околу 64.000 евра.
„Дехари во периодот од 2017 година до 2024 година, во својство на градоначалник на Општина Кичево, свесно и со умисла, со намера да прибави значителна имотна корист за друг, а на штета на општината, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општината Кичево постои секторот за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата“, појасни портпаролот Стефан Димоски.