Кривична за инспектор за примање поткуп за субвенции

од Берта Китинска
361 прегледи

Инспектор во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој заработи кривична пријава за примање поткуп од фирма која ја контролирал за исплаќање субвенции. Инспекторот е фатен со парите од поткупот и е приведен.

Од МВР информираат дека отсекот за економски крминал при Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против И.Г. (38) од Струмица.

-Во декември 2019 година осомничениот извршил контрола над земјоделски површини сопственост на правен субјект од село Бучим, општина Радовиш, за што изготвил записник без констатирани забелешки, а врз основа на тој записник на правниот субјект му биле исплатени субвенции согласно Програмата за финансиска подршка во земјоделството за 2019 година. Во април 2020 година пријавениот остварил контакти со управителот на правниот субјект и побарал од него да му исплати пари во износ од 600 евра, како награда за претходно изготвениот записник без констатирани неправилности, а ако не го стори тоа, тој ќе изготви нов записник со констатирани неправилности, поради што ќе мора да ги враќа исплатените средства и нема да има право да аплицира за доделување на субвенции следната година, се наведува во соопштението на полицијата.

Од МВР информираат дека вчера во 8 часот на локалениот пат од село Бучим кон Радовиш, полицајци од Одделението за внатрешни работи Радовиш го запреле возилото на И.Г. при што во возилото пронашле обележани банкноти во вкупен износ од 36.000 денари, кои претходно осомничениот ги примил од управителот на фирмата од село Бучим.

Слични содржини