Поради сомнение за сторено кривично дело, „измама“, Единицата за економски и компјутерски криминал до Јавното обвинителство поднесе кривични пријави против 2 лица, И.А. (30) и А.Р. (40) од Скопје.
Како што соопшти МВР, првопријавениот е вработен во Агенцијата за национална безбедност, додека второобвинетиот е полициски службеник во СВР Скопје. Тие направиле договор за стекнување на противправна имотна корист, а во делото се сретнале со оштетените М.А. и неговиот внук Р.А. кои биле доведени до заблуда.
„Пријавените со лажно прикажување на факти кои се однесуваат на нивниот идентитет и лажни инкриминирачки информации за правно лице, побарале парична награда во износ од 3.000 евра како би му помогнале да се избришат податоци.За да издејствуваат парични средства, пријавените во неколку наврати преку телефонски повици и пораки барале остварување на нова средба кој се случила на 08.12.2020, каде оштетениот им исплатил дел од побараната парична награда односно 600 евра“, се вели во соопштението.
Двајцата осомничени се приведени и предадени на обвинителството со соодветна кривична пријава.