Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи го коментираше донесувањето на новиот Кривичен законик.
„Со новиот Кривичен законик кој си го изгласаа т.н. големи партии, кривичните дела на функционерите повторно ќе си застаруваат како до сега, а министрите и директорите целосно се амнестираат од несовесно работење — правда по мерка на помоќниот“, пишува Зајкова во својата објава.
Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со предлог-измените пратениците предвидуваат построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања, но не ги враќаат на нивото што беа пред септември 2023 кога имаше намалување на санкциите. Oд власта велат дека целта е отстранување на слабостите во постојните одредби и постапување согласно решението на Уставниот суд од пред речиси една година.
За делото „злоупотреба на службената положба“, чие намалување на казните во септември 2023 предизвика најмногу критики од домашната јавноста и од Европската Унија, во предлогот се предвидуваат поголеми затворски казни, но горната границата за нив останува. Тоа значи дека иако има заострување на казните, роковите за застарување на кривичното дело се пократки од тоа што беше пред септември 2023, кога немаше горна граница за дел од казните.