Мандаторот за состав на Влада на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, вечерва изјави дека очекува поддршка за составот на кабинетот што го предложи, а зборувајќи за регионот, тој рече дека сака да има најдобри односи со Србија, бидејќи „тоа е природна врска што треба да се негува“.
„Очекувам поддршка од коалициските партнери, што е природно. Ако некому дадете 41 потпис и му верувате на мандатарот, тогаш неговото право е да предложи решение засновано врз моделот на земји кои се близу до ЕУ“, рече Кривокапиќ за „Њузмакс Адрија“.
На прашањето што ќе се случи ако неговиот предлог не добие поддршка, Кривокапиќ рече дека тоа ќе биде најлошата опција и додаде дека сега останува на политичарите да одлучат.
Тој додаде дека денес испратил барање до претседателот на Парламентот на Црна Гора да закаже седница што е можно поскоро, на која ќе ја претстави програмата на идната влада.
Кривокапиќ рече дека сака да направи чекор напред јавната администрација да биде насочена кон животот на граѓаните, бизнисмените и капиталните инвестиции.
Тој додаде дека неговата цел е извршната власт да му служи на Парламентот на Црна Гора и да има најголема одговорност кон парламентот, како и парламентот да донесе закони за доброто на граѓаните, а не да биде привилегиран како порано.
На прашањето дали Дритан Абазовиќ ќе влезе во владата како експерт или како политичар, Кривокапиќ рече дека тоа е гест на морален пристап.
Додаде дека Црна Гора е мала земја и дека треба да има помал број министри.
Како прв проблем на новата влада, тој го посочи вирусот корона и посочи дека треба да се направи нов пристап, можеби сличен на шведскиот модел, но дека прво би направил анализа обидувајќи се да ги тестира сите граѓани за да добие податоци за тоа колку луѓе веќе имале Ковид 19.
Зборувајќи за Србија, тој рече дека двете земји треба да градат институционални односи, кои нема да зависат од ниту една личност.