Пратеникот на Левица, Борислав Крмов синоќа порача дека ќе ја надомести штетата што ја направи во Собранието со кршењето на микрофонот и мониторот на компјутерот на претседателот на Собранието.
-Видов дека претседателот Џафери изјавил дека ќе ми ја пратат сметката. Слободно, тоа е најмалиот проблем, ќе ја платиме штетата, но штетата од процесот е неповратна, рече Крмов во емисијата „Тешки муабети“ на Инфомакс.
Според него, Собранието на еден начин се самоукина.
-Собранието сега е само еден обичен извршител на Владата и следната Влада. Веќе нема да има Собрание. Додека ова се случуваше кај нас, еве во Албанија сега го запалија Собранието, тоа е Собрание, да има и немили сцени, ќе го запалат, ќе се степаат. Курти фрлаше димни бомби – тоа е Собрание, таму треба да има судир на идеи. Сега Собранието сега ефективно е Влада, рече пратеникот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера информираше дека поради предизвиканите штети продолжението на вчерашната, како и останатите седници, ќе се преместат во салата Купола.