„Имено, јас морам да кажам, на еден кукавички начин Џафери избегна соочување со пратениците и вчера добивме допис дека интерпелацијата ни е вратена. Претседателот Џафери го наведува член 136 од Деловникот, кој е еден општ член, којшто ја регулира материјата ако е прекршен Деловникот. Значи ако е прекршен Деловникот, не прецизира како е прекршен. И понатаму имаме еден паушален дел каде што претседателот Џафери, вели дека не може оваа Интерпелација да се прифати затоа што не била во согласност со Позитивното право на Република Македонија“, изјави на прес-конференција, пратеникот на Левица, Борислав Крмов, по повод враќањето на Интерпелацијата од страна на спикерот Талат Џафери, која Левица ја поднесе против него со поддршка од опозицијата.
Според него, целта е јасна – да се избегне соочување со аргументите на пратениците, да се одложи интерпелацијата за септември и на тој начин да изгуби на политичка важност.
„Ова што претседателот Џафери го прави, значи ние имаме секојдневно кршење на уставот и законите. Правата на одредени пратеници, посебно на пратениците на Левица се ускратени. Тоа е кривично дело казниво по член 353 од Кривичниот законик – Злоупотреба на службена положба и овластување и за тоа претседателот Џафери ќе добие кривична пријава. Неговото однесување е еден вид демонстрација на недопирливоста на ДУИ, која што трае веќе 20 години и кадешто за политичкиот ентитет ДУИ, не важат ни Уставот ни законите, нивните членови, нивните функционери можат да прават што сакаат, за на крај повторно од нив да зависи Влада и тие политички да се договорат“, изјави Крмов.
Претседателот на Собранието Талат Џафери до пратениците ја врати интерпелацијата за неговата работа.
Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за собранискиот претседател Талат Џафери, затоа што тој говореше на албански јазик пред Комитетот на министри на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел.