На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Борислав Крмов упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски по однос на концесијата за мала хидроцентрала на реката Блатешница во село Блатец. Крмов детално го образложи случајот, посочувајќи дека концесијата е доделена во 2012 година на фирма основана само два месеци претходно, дека роковите за отпочнување со работа биле продолжувани дури тринаесет пати и дека жителите со години организираат деноноќни блокади за да ја заштитат реката и водоснабдувањето на селото.
Во завршницата, Крмов се осврна на жителите на Блатец, истакнувајќи дека тие се тие што со генерации живеат од реката и покрај неа.
„Тие луѓе таму живеат со децении, со векови, со генерации. Пијат вода од тоа место, таа земја ја газат и од неа живеат. Тие се најповикани! Ние сме гости кога ќе отидеме таму, премиере. Тие ќе останат да живеат со последиците ако оваа хидроцентрала се изгради. Затоа прашањето е едноставно – дали конечно ќе застанете на страната на жителите на Блатец и ќе ја поништите концесијата“, праша Крмов и кажа дека го брани селото токму од премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот во својот одговор му порача на пратеникот дека тој никогаш не бил во селото, за разлика него кој рече дека бил десетпати.
„Тоа е преубаво село, вие не знаете. Јас сум држел трибини на сред село со граѓани. Сум јадел леб и паштета со нив, сум пиел пиво од флаша, десетици пати. И во Трсино, Градец, Липец…Секаде сум бил таму. Вие не ја знаете Блатечка река. Вие сега мислите дека ќе добиете нешто кај виничани, кај блатечани дека сте поголем душегрижник од мене. Не можете да бидете. Оваа Влада потпишува поврат на тие средства кои што тие ги уплатиле за еднократен надомест што некој им овозможил претходно да ги добијат. Ние ги враќаме. Исто како годинава треба да вратам 2,5 милијарди евра за овие што ја задолжиле државата. Срамота е вие да ми зборувате за Блатец. Не знам кој ве гласал во Виница ако не сте биле во Блатец. Дај боже стално вие од вакви како мене да го браните Блатец кој што направил толку улици колку што вие не сте изоделе пешки. Утре ќе отидам кај блатечани и многу подобро ќе ме пречекаат отколку вас“, кажа Мицкоски од собраниската говорница.