Крмов: ВМРО–ДПМНЕ бара консензус, СДСМ и ги врза рацете на опозицијата, а државата живее на кредит за кредит

Исходот од лидерската средба, реформската агенда, позицијата на опозицијата, односите со странските партнери и новото задолжување беа теми на кои пратеникот од Левица, Борислав Крмов дебатираше, но и изнесе остри критики и кон власта и кон опозициската СДСМ, како поранешен носител на власта во „24 Анализа”.

од desk4
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв 24

Крмов истакна дека лидерот на Левица, Димитар Апасиев бил „пријатно изненаден од конструктивноста на средбата”, имајќи предвид дека досега од ВМРО – ДПМНЕ, како што рече, имало само агресивен однос кон Левица. „Очигледно се менува ситуацијата кога на власта и е потребна опозицијата, а во овој случај очигледно и е потребна”, истакна Крмов. Појасни дека на средбата се разговарало Пржинската влада, реформската агенда за која има голем број закони што бараат двотретинско мнозинство и Бадентерово гласање. „За тие закони кажавме дека ако поминат низ сите филтри, ако се одобрени од ЕУ нема зошто да не ги гласа и опозицијата зашто се за општо добро за Република Македонија”, рече тој. Биле отворени и конкретни прашања како Законот за прекршоци и за изборот на јавен правобранител, за кој како што рече веќе е пробиен и рокот, а кажа и дека за јавен правобранител Левица предложила да биде Ром зашто тоа реално била најдискриминираната етничка заедница.

„Отворивме и наши теми околу една изборна единица, околу платеното политичко рекламирање што не ни беше овозможено, обештетување на родителите во Кочани, ги застапивме барањата на синдикатите за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на останатите плати, укинување на патните трошоци. Ние ќе ги поддржиме законите од реформската агенда но мора и власта да покаже добра волја зашто консензусот не е еднонасочен тоа е двонасочно. На пример ние имавме предлог закон семејно насилство да се гони по службена должност и ДПМНЕ го одби за по неколку месеци да го вметне истото во новиот кривичен законик, а во меѓувреме во имаше четири фемициди”, посочи Крмов.

По однос на можностите на опозицијата да спречи донесување на штетни закони или да спречи измени на реформски закони во 5 до 12 Крмов рече дека не ги поддржуваат и не ги гласаат но, правото и можноста како опозиција да ги блокираат таквите закони е изгубена во претходниот мандат на СДСМ, кога е донесен новиот Деловник. „Нашето право и можност го изгубивме во моментот кога беа фрлени 4500 амандмани на Левица и кога бевме обвинети дека сме насилници. Сега имаме апсолутна власт на ВМРО – ДПМНЕ и врзани раце на опозицијата”, додаде Крмов, додавајќи дека СДСМ нема право да се жали бидејќи токму тие ги донеле измените знаејќи дека ќе одат во опозиција.

Реплицирајќи и на пратеничката Тренчевска, Крмов оцени со измените на Деловникот не добил народот туку власта. „Велите дека сте државотворни и со измените на деловникот добил народот. Не доби народот. Со измените на Деловникот народот доби една незауздана власт на ДПМНЕ. Ни ги земавте инструментите на нас како опозиција, меѓу другото и на вас самите да можеме да ги спречиме во штетните политики. Откако се донесе тој деловник ние сега треба да се потпираме на добрата волја и на слухот на власта”, истакна Крмов додавајќи дека Македонија практично е единствена земја во ЕУ без филибастер и со една од најнемоќните опозиции, оставена без инструменти за блокирање на закони.

Осврнувајќи се на одлуката на САД за запирање на имигрантски визи кон Македонија оцени дека тоа не е прв „ладен туш” од стратешките партнери. „Претходно добивме и царини, иако мислевме дека ќе бидеме изземени, па имавме безрезервна поддршка за киднапирањето на претседателот Мадуро и тн. Тоа е еден вазалски однос вкоренет во политиката на државава кој го спроведуваат двете големи партии”. Според Крмов и СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ ја спроведуваат истата политика на потчинетост. „ Ако ти сам не се почитуваш, ако немаш свое јас во меѓународните односи никој нема да те почитува”, нагласи Крмов додавајќи дека иако членството во ЕУ е стратешка определба на Левица тоа не нон-стоп да веднеме глава. „Ние веднеме глава веќе 30 години. Што добивме од тоа: и устав сменивме, и знаме, име сменивме. Што треба уште да смениме? Со овој вазалски однос, со ова со што ние се гордееме и кога нашите сратешки партнери не шамараат, а ние веднеме глава, никаде нема да стигнеме”.

Што се однесува до новото задолжување Крмов предупреди на сериозна фискална опасност. „Секоја година враќама околу 1,3 милијарди за долгови. Значи секоја година враќаме. Сега со оваа милијарда од која 700 милиони се за долгот, а другите се за тековни трошоци значи ние секоја година враќаме кредит со кредит”, рече тој. Според Крмов, државата има потрошувачки, а не развоен буџет, со само околу 10% за капитални инвестиции. „Ние сме деиндустријализирана зона, не произведуваме ништо, не произведуваме вредност, наводно сме сервис економија, а фактички не сме ни тоа, ние живееме на кредит и со тој кредит плаќаме и тековни трошоци”, изјави тој, предупредувајќи дека јавниот долг од 63% од БДМ може да надмине 80% со парите од Обединетото Кралство. „Ние со 63% ја губиме контрола над буџетот, со 80%”, заклучи Крмов, оценувајќи дека станува збор за системска катастрофа којашто се случува од 1991 година, за која, како што заклучи, одговорност носат и двете големи политички партии кои наизменично владеат со државата.