Крос и Клоп: Меси е најдобар, но не и во 2021

од Nikola Popovski
362 прегледи

Одлуката на Лионел Меси да му се додели Златната топка за 2021 година предизвика бурни реакции во европската фудбалска јавност, а повеќето поранешни и сегашни фудбалери и тренери сметаат дека еден од најдобрите фудбалери на сите времиња не заслужил по седми пат да го добие признанието на магазинот „Франс Фудбал“ за најдобар играч на светот.

Играчот од средниот ред на Реал, Тони Крос, на својот Твитер профил му честиташе на Меси, но потоа додаде дека негов избор ќе биде Карим Бензема. Во својот подкаст, Крос објасни дека Аргентинецот нема место меѓу првите тројца и дека во 2021 година Бензема, Роберт Левандовски и Жоржињо биле подобри од него.

„Пред се, морам да кажам дека воопшто не ме интересираат поединечни награди. Меѓутоа, ако веќе постојат, треба да се распределат праведно. Според мене, тоа не беше случај со овогодинешната Златна топка“, објасни Крос.

Поранешниот германски репрезентативец додаде дека Меси и Роналдо биле најдобрите фудбалери во светот во последната деценија, но дека тоа нема никаква врска со признанието за оваа година.

Неговиот тренер Карло Анчелоти смета дека треба да се почитува исходот од гласањето за овогодинешната награда на францускиот фудбал.

„Треба да го прифатите овој резултат. Меси победи, тој се уште е одличен играч и нема што да се додаде на тоа“, изјави Анчелоти, а потоа објасни:

„Индивидуалните награди се важни за играчите, но за нив не е проблем доколку не ги добијат. Се надевам дека играч на Реал Мадрид ќе ја добие наградата следната година“, изјави тренерот на „кралскиот клуб“.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, смета дека Меси заслужил награда за целата своја кариера, но дека во 2021 година имало подобри играчи од Аргентинецот.

„Тешко е да се сфати дека Роберт Левандовски не ја освои Златната топка. Дефинитивно беше најдобриот играч во 2021 година“, изјави тренерот кој на листата на потенцијални добитници на награди имаше дури седум играчи од својот тим.

Пеп Гвардиола изјави дека никогаш не може да се каже дека Меси не заслужил да ја добие Златната топка.

„Меси е премногу добар, па може да се каже дека никогаш не е незаслужено ако добие награда. Од друга страна, Роберт Левандовски во изминатите две години прикажа одлични партии и постигна неверојатен број на голови, а би било сосема заслужено доколку биде прогласен за најдобар во светот“.

Тренерот на Пари Сен Жермен, Маурисио Покетино, му честиташе на Меси за наградата и му посака следната година по осми пат да триумфира во анкетата на Франс Фудбал.

„Секако дека наградата е во вистински раце, во тоа нема сомнеж. Разбирам дека може да се појават критики во други земји, но јасно е дека Златната топка е во раце на Лео, дека тој ја заслужи и дека треба да ужива во ова признание заедно со семејството и луѓето што ги сака“, изјави тренерот на ПСЖ.

Слични содржини