Во Бугарија се уште се трага по луѓето кои ги искршија стаклата на македонскиот културен клуб во Благоевград, „Никола Вапцаров“. По повод немилиот настан денеска се огласил и градоначалникот на градот Илко Стојанов.
Тој во изјава за Бугарската национална телевизија тврди дека објетот не претставува клуб, туку само една соба.
-Ова е соба, дури не е ниту во смисла на клуб. Создаден е со цел да провокација. Да се потсетиме кога се отвораше беше со цел да има провокација и сега кога се случи агресија, иако, би рекол тоа е објект. Мислам дека е дуќан, според податоците од катастарот, рекол Стојанов.
Тој информирал дека камерите во околината од македонскиот клуб не се во надлежност на општината и додал дека најверојатно надлежните ги гледаат снимките од приватните камери за пронаоѓање на сторителите.
Стојанов ги коментирал и случувањата во саботата за време на чествувањето на годишнината од роденденот на Гоце Делчев. Според него, „виновни за каменувањето на македонскиот клуб се македонските политичари“.
-Тоа е провокација, особено по настаните од саботата и пред се делувањето на политичарите од Северна Македонија, кои водеа намерна антибугарска политика и ги постигнаа своите цели. Вака не се влегува во Европа и ова не ја претставува Европа, истакнал Стојанов.