В.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски денеска порача дека Советот на Општина Кочани уште еднаш покажа дека за нив законите не важат, важи само партиската агенда. Крстевски информира дека претседателот на Советот, Лазо Митев, наместо да ја брани општината и граѓаните, повторно оди спротивно на закон и уцени.
-Закани и манипулации ги користи како политички алатки. Без официјален документ примен во Општина Кочани, Советот незаконски донесе одлука за паралелки со намален број ученици и истата е СТОПИРАНА на 3-ти септември. А притоа, Лазо Митев најавува кривична против мене и обвинува дека „се криеле документи“. Епа, јавно прашувам: како тој документ стигнал кај него? Од партијата ли? Од нивните канцеларии по кафани? Зошто тој го добил а јас не? Дали по партиска пошта испраќаат официјални документи, прашува Крстевски.
Тој тврди дека ова е суштината на проблемот – партиите гледаат на Општина Кочани како на банкомат, од каде треба да се испумпуваат пари за нивната партиска војска.
-Милиони денари за партиски војници, додека граѓаните се дават во проблеми без решение. Никогаш порано Кочани немал толку слаба советничка група како што е на вмро-дпмне, луѓе без став, без идеја, без визија, без искажан збор. Единствен интерес им е паушалот што го земаат секој месец. А граѓаните? Оставени на милост и немилост, додава Крстевски.
Советот на Општина Кочани на седницата што се одржа утринава гласаше против решенението на в.д. градоначалникот за запирање на одлуката за формирање паралелки со помал број на ученици во општинските основни училишта за учебната 2025/26 година. Крстевски не присуствуваше на седницата.
Претседателот на Советот на Општината, Митев, рече дека до Обвинителството е доставен поднесок за поведување кривична постапка против в.д. градоначалникот, зошто има сомневање дека од МОН до Општината е пристигнато позитивно мислење за формирање паралелки со помал број ученици, кое, наводно, се крие во општинската администраџија. Одлуката на Советот беше донесена со 16 гласа против Решението на Крстевски.